Бугарскиот тенисер Григор Димитров во неделата соошти дека е заразен со коронавирус по кој стана голем хаос во Белград и Задар, градовите во кои се играше „Адриа тур“. Во неделата вечерта требаше да се игра финале во Задар, но тоа беше откажано откако стигна потврдата за заразата на бугарскиот тенисер. Поголемиот дел од тенисерите беа тестирани, а досега е потврдено дека заразени се уште пет лица кои беа дел од турнирот.
Српските медиуми пренесуваат дека Димитров е „темпирана бомба“ бидејќи во Србија стигнал од Соединетите американски држави, земја во која има најголем број на заразени во светот. По доаѓањето во Белград тој не бил тестиран, а потоа пред заминување во Задар неколку дена бил во Бугарија. Ни по доаѓањето во Задар не бил тестиран, иако тоа била четврта различна земја која ја посетил во последните десет дена.
Димитров настапи на првиот меч во Задар каде беше поразен од Борна Чориќ, а по натпреварот го прекина настапот на турнирот, откако се чувствувал исцрпено. Следниот ден требаше да се сретне со Ѓоковиќ, но поради лошата здравствена состојба неговиот менаџер организираше негово враќање во Монако. По доаѓањето во Монако веднаш направи тест кој беше позитивен и значеше крај за „Адриа тур“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

