Ракометарите на Е. Пелистер вечерва ги очекува нов предизвик во Лигата на Шампионите, на домашен терен го пречекуваат романски Динамо Букурешт (20.45 часот, сала „Боро Чурлевски“).
Противникот низ годините создава моќен тим за елитното европско натпреварување, но „пелистерци“ немаат преголем избор и мораат да одат по бодови на овој дуел, особено откако Висла во минатото коло на гостински терен го шокираше ПСЖ и го прескокна македонскиот првак на табелата. Математиката е јасна, на три кола до крајот секој меч е клучен, а „пелистерци“ бодрени од верната битолска публика веќе покажаа дека можат да одиграат врвен ракомет на домашен терен.
„Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме за да одиграме добар натпревар. Покриени се на сите позиции, во одбраната, при контра напади, не менуваат многу ракометари. Ќе биде тешко, но ние како екипа сакаме ваков тип на натпревар. Резултатите во последните неколку недели не се позитивни за Динамо Букурешт, но сепак тоа повторно е голем тим. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, изјави тренерот на Е. Пелистер, Раул Алонсо.
На спротивната страна, на клупата на Динамо Букурешт ќе седи Давид Дејвис, шпанскиот стратег кој веќе ја има почувствувано атмосферата во Битола од времето минато на клупата на Вардар.
„На три кола до крајот, имаме можност со победа денеска да си го обезбедиме учеството во следната рунда. Играме против директен ривал, знаеме колку е важно да се стигне до бодови и подготвени сме за борба во Битола. За нас, покрај конечниот исход, многу важно ќе биде и да го кренеме нивото на игра во однос на претходните натпревари“, порача Дејвис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

