Динамо летово ќе заработи 20 милиони евра, а нема да продаде ниту еден играч

Екипата на Динамо Загреб важи за еден од најдобрите извозници на фудбалери во последните години на Балканот. Тимот од „Максимир“ одлично ја полни клупската каса со продажба на играчи, но ова лето добро ќе заработи и притоа нема да продаде ниту еден играч.

Ако се остварат најавите на „Билд“, дека Лајпциг летово ќе ги продава Дани Олмо и Јошко Гвардиол, тогаш Динамо би можел да заработи добри 20 милиони евра, а нема да мрдне со прст. Тоа се должи на клаузулите на договорите кои ги има потпишано Динамо при продажба на овие играчи.

Динамо за Олмо досега со сите бонуси доби 29 милиони евра, а ќе му припадне и 20 проценти од разликата во односот на тој износ и износот кој Лајпциг ќе го добие за Шпанецот. Се шпекулира дека неговото заминување ќе изнесува 50 милиони, што значи дека од разликата од 21 милион, на Динамо ќе им припадне околу 4,2 милиони евра.

Тимот од Загреб далеку подобро ќе помине доколку Лајпциг го продаде Гвардиол. Хрватскиот стопер се проценува  на 100 милиони евра. Ја добие ли таа сума германскиот тим за него, на контото на Динамо „легнуваат“ 16 милиони евра. Што значи вкупно од двајца играчи – 20 милиони евра.

Исто така се шпекулира и со продажба на голманот Доминик Ливаковиќ во Галатасарај, трансфер кој би требало да биде од 5 до 10 милиони евра. Динамо повторно добро ќе се опари од трансфери на свои играчи. Во минатото иста беше ситуацијата и со други играчи како Ловрен, Модриќ, Манџукиќ…

Се вчитува...