Динамо остана во игра за европска пролет, Рома го скрши отпорот на Штутгарт

Динамо Загреб славеше со 4-1 на клучниот дуел против ФЦСБ, за три бода со кои хрватскиот првак остана во игра за пласман во нокаут фазата од Лигата на Европа. Се беше решено по десетина минути игра во кои Динамо поведе со 2-0 преку Бакрар и Бељо. Гостите од Романија само за момент намалија на 2-1, но хрватскиот тим одговори со нови два погодоци (Бељо и Куленовиќ), за заслужен триумф и радост на „Максимир“.

Динамо Загреб моментно се наоѓа на 20. место, пласман кој води во нокаут фазата, но во последното коло му гостува во Данска на тимот на Митјиланд кој моментно се наоѓа на четвртата позиција, дуел на кој „модрите“ ќе мора да стигнат до позитивен резултат ако сакаат да се најдат во следната рунда.

Рома врза четири победи во низа во Лигата на Европа откако „волчицата“ вечерва на домашен терен го совлада Штутгарт со 2-0. Тимот на Гасперини имаше неочекуван херој, 21-годишниот Николо Писили кој со два гола донесе радост меѓу домашните фанови во „вечниот град“.

Глазгов Ренџерс во седмото коло стигна до првата европска победа, славејќи со 1-0 на домашен терен над Лудогорец. Диоманде беше стрелец во првото полувреме, а нашиот Бојан Миовски влезе во игра во 63. минута од овој натпревар.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...