Динамо Загреб се врати од мртвите во трката за титулата во хрватското првенство, „модрите“ сега се на само еден бод заостанува зад водечките Ријека и Хајдук, но без разлика дали трофејот ќе биде одбранет или не, на „Максимир“ се очекува бурно лето и голем ремонт во играчкиот кадар.
Зад овој потег стои новиот претседател Звонимир Бобан, кој најави уште при своето доаѓање дека планира Динамо да сврти нов лист во многу аспекти во однос на досегашното функционирање. Како што најавуваат хрватските медиуми, меѓу оние кои сигурно ќе си заминат се македонскиот интернационалец Стефан Ристовски, како и главниот голгетер Бруно Петковиќ. Ристовски пред неколку месеци доби понуда за нов договор, но по пониски услови од постоечки. Не беше најден заеднички јазик, а откако во меѓувреме Бобан дојде на „Максимир“, сега шансите за негово останување во Динамо се сведени на теорија.
Поразлична е ситуацијата со Аријан Адеми, кој има договор на уште една сезона, а големиот борец на средината од теренот не крие дека би сакал да остане на „Максимир“ до крајот на кариерата. Повредите се уште го спречуваат да игра во континуитет (неодамна пак се повреди, па тешко дека ќе може да се врати до крајот на сезонава), што ја прави неговата иднина уште понеизвесна. Хрватските медиуми сепак информираат дека Бобан има високо мислење за поранешниот македонски репрезентативец, како квалитетен играч, но пред се како лидер во соблекувалната. Начелно е договорено во блиска иднина да дојде до состанок во четири очи меѓу Бобан и Адеми, по што ќе биде многу појасно каква е иднината на долгогодишниот капитен на Динамо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

