Динамо со мултимилионски трансфер за тинејџерот што не одигра ниту еден меч за „модрите“

Динамо Загреб уште еднаш се покажува како клуб кој знае како се заработуваат милионски суми на млади и перспективни фудбалери, тренд што хрватскиот гигант го продолжува и со 16-годишниот Кардозо Варела, кој кариерата ќе ја продолжи во Барселона.

Варела се уште нема ниту еден настап за сениорскиот тим на Динамо, но важи за светски фудбалски суперталент што „модрите“ пред една година успеаја да го ангажираат пред носот на гигантите Манчестер Сити и ПСЖ. Барселона се согласи да плати пет милиони евра за да го осигура потписот на младиот Португалец, воедно и даде дозвола тој да мине уште најмалку една сезона на позајмица во „Максимир“. Во зависност од неговиот развој, дополнително ќе биде решено дали Варела ќе се пресели во Барса или ќе биде повторно позајмен на друг клуб, но хрватскиот тим успеа да издејствува максимална висина на трансферот од 15 милиони евра, ако Варела заигра за каталонскиот гигант и освојува трофеи со овој клуб.

Треба да се напомене дека Динамо нема да ја земе целата сума од овој мега-трансфер, бидејќи според договорот при доаѓањето на Варела, на хрвтскиот тим ќе му припаднат 57% од трансферот, додека останатите 43% ќе ги поделат агентот Енди Бара и семејството на Варела.

Динамо Загреб ја прифати ваквата поделба во ситуација кога неколку европски гиганти се интересираа за тогаш 15-годишниот тинејџер, што се покажа како вистински потег ако се знае дека „модрите“ во секој случај ќе имаат загарантирани 2,3 милиони евра од овој трансфер, со можност оваа сума дополнително да се зголеми.

Се вчитува...