Динамо Загреб и официјално го именуваше Марио Ковачевиќ за нов шеф на стручниот штаб.
„Досегашниот стратег на Славен Белупо и формално ги презеде должностите тренер на екипата на Динамо, со која ќе ги започне подготовките за новата натпреварувачка година на 18 јуни“ – се наведува во официјалното соопштение на загрепскиот клуб.
Ковачевиќ доаѓа на ‘Максимир’ по извонредна сезона во која неговиот Славен Белупо стана финалист во Купот на Хрватска, а во трката за шампионската титула го освои петтото место, во кое успеа да создаде јасна визија за играта со атрактивен фудбал и тактичка дисциплина.
„Најпрво сакам да се заблагодарам на Динамо за укажаната доверба и можноста да го водам најголемиот и најтрофеен хрватски клуб. Свесен сум за очекувањата и одговорностите што доаѓаат со оваа улога. Свесен сум и за сомнежите, тие се дел од секојдневниот фудбал, но јас лично воопшто ги немам. Ќе го живеам овој најголем фудбалски предизвик со многу вера и храброст. Не знам поинаку… Динамо мора да игра модерен, брз и привлечен фудбал, длабоко верувам дека ќе успееме во тоа“ – рече 50-годишниот Ковачевиќ.
Својата играчка кариера ја изградил како играч од средниот ред во Сараево, а како резултат на војната, дошол во Хрватска и играл за Вартекс, Белишче, Славен Белупо, Меѓумурје, потоа за словенечка Нафта од Лендава и за албанска Динамо од Тирана.
Како тренер на Меѓумурје ја започна својата тренерска кариера во 2014 година, а потоа следеа Вараждин, Полет, Подравина и повторно Меѓумурје и Вараждин, а сега и Славен Белупо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

