Само 24 часа требаше да минат по информацијата за заминувањето на Елиф Елмас од екипата на Работнички, за да се појават нови шпекулации околу следната дестинација на македонското „чудо од дете“. Динамо Загреб е тимот што сака да го види Елмас во своите редови, па и да му понуди значајна улога во првиот тим во новата сезона, јавуваат хрватските медиуми.
„Модрите“ минатата сезона ја загубија шампионската титула од Ријека, па сега планирааат целосен „ремонт“ на тимот за да се вратат на тронот на хрватскиот фудбал. Елмас одлично би се вклопил во тој план, не само поради вонсерискиот талент што го поседува, туку и поради младоста и потенцијалот Динамо одлично да заработи на него за неколку години.
Како што јавуваат хрватските медиуми, во игра е и Хајдук, но тешко е за верување дека сплитскиот тим (кој се соочува со сериозни финансиски проблеми) би можел да ја добие оваа трка крај лутиот ривал. Само за потсетување, интерес за Елмас искажуваат Херенвен, кој го следи македонскиот репрезентативец неколку години наназад, и уште неколку холандски прволигаши, како и шпанскиот Лас Палмас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА