Динамо Загреб го промовираше Канаваро: „Сакам да работам со млади играчи, барам дисциплина како Капело…“

Хрватскиот шампион Динамо Загреб и официјално го промовираше Италијанецот Фабио Канаваро како свој нов тренер.

Освојувачот на „Златната топка“ ќе се обиде да ја спаси сезоната за „модрите“ откако тимот по есенскиот дел е далеку од врвот, со неубедливи изданија во домашниот шампионат низ првиот дел од сезоната.

„Пред два месеци ме повикаа од Динамо, па почнав да добивам информации за клубот. Ги проучував играчите и видов дека можат да играат подобро. Затоа и го прифатив овој предизвик“ – истакна Канаваро на денешната официјална промоција притоа дополнувајќи:

„Имаме многу цели, но немаме време. Ќе се обидеме да се подобриме за кратко време затоа што сакаме повторно да бидеме на врвот. Сакам да работам главно со млади играчи и не се плашам од ништо. Ако треба да се опишам од стручен агол, барам дисциплина како Капело а сакам да имам односи со играчите како Анчелоти. Се обидувам да читам мечеви како Липи и да го организирам тимот како Сари. Се надевам дека успешно ќе соработуваме со играчите и ќе освојуваме титули. Сакаме навивачите да бидат среќни.“

51-годишниот Канаваро претходно во својата тренерска кариера го водеше Удинезе, а беше тренер и на Беневенто, кинеските Гвангжу Евергранде, Тианџин Кванџијан, саудијските Ал-Наср, Ал-Ахли, како и репрезентацијата на Кина.

Се вчитува...