Динамо Загреб ќе го менува тренерот, но главниот кандидат кажа НЕ

Сергеј Јакировиќ ќе ја плати цената за срамниот пораз на Динамо Загреб од 9-2 на гостувањето против Баерн Минхен, одлуката е веќе донесена од страна на раководството на хрватскиот првак, но нема да биде официјализирана додека не биде постигнат договор со новиот шеф на стручниот штаб на „модрите“.

На Јакировиќ за грев не му се зема само фијаското во Минхен, туку и поразот на домашен терен од Хајдук, по кое „модрите“ го загубија и првото место во домашното првенство. На сите им е јасно дека има уште многу да се игра, но серијата слаби игри придонесе повторно да се појават сомнежи дека тој може да го извлече максимумот од овој тим, па веќе почнаа преговори со кандидати за негов наследник.

Пик број еден на управата беше Нико Ковач, но поранешниот хрватски селектор ја отфрлил можноста за камбек во татковината. Платата што ја земал Ковач при последните ангажмани е далеку повисока од она што Динамо може да му го понуди, но и самиот стратег ставил до знаење дека чека понуда од некоја од Топ 5 лигите во Европа и не би се вратил на „Максимир“, без оглед што тимот е дел од Лигата на Шампионите.

Сега главна опција за „модрите“ претставува камбек на Бјелица, а доколку не биде постигнат договор ниту со него, тогаш ќе се почнат преговори со поранешниот хрватски репрезентативец Ведран Чорлука, кој во Динамо би го имал првиот самостоен тренерски ангажман.

Се вчитува...