Динамо Загреб му нуди на Ристовски помала плата за нов договор

Динамо Загреб е подготвен да му понуди продолжување на соработката на Стефан Ристовски, но македонскиот интернационалец ќе мора да прифати намалување на платата доколку сака да го продолжи својот престој на „Максимир“.

Актуелниот договор на Ристовски истекува на крајот од оваа сезона, хрватскиот првак во изминатиот период беше поврзуван и со други имиња на позицијата десен бек, но ушправата на клубот не крие дека ќе се обиде да го задржи Македонецот во своите редови. Како што информира хрватскиот портал „Индекс“, разговорите за нов договор се веќе стартувани, а понудата на Динамо е со пониска плата од она што Ристовски моментно го заработува како член на „модрите“ од Загреб.

Стефан Ристовски е член на Динамо Загреб од 2021 година, кога пристигна во овој клуб од редовите на Спортинг Лисабон. На потег е искусниот 32-годишен дефанзивец, кој ќе треба да пресече дали да прифати помала плата за да остане на „Максимир“ или да побара нов предизвик во кариерата во текот на летниот преоден рок.

Се вчитува...