Динамо Загреб си обезбеди европска пролет откако хрватскиот шампион славеше 3-0 на клучниот дуел против Балкани и го освои второто место во својата група од Конференциската лига. Косовскиот претставник се покажа како недораснат ривал, Балкани се бранеше умешно повеќе од 60 минути, но по првиот гол на Периќ дојде до колапс во играта на гостите, што Динамо го искористи за да постигне уште два гола преку Петковиќ и заслужено да се пласира во 1/16 финалето од ова натпреварување.
Стефан Ристовски беше стартер во тимот на Динамо Загреб на овој натпревар, додека Аријан Адеми не е регистриран од „модрите“ за настап во Конференциската лига на УЕФА.
Во „групата на смртта“ од Лигата на Европа, тимот на Брајтон славеше со 1-0 над Олимпик Марсеј, триумф со кој премиерлигашот се искачи на првото место кое носи директно во осминафиналето од ЛЕ, додека Олимпик Марсеј ќе мора да игра нокаут-фаза плус, од 1/16 финалето во ова натпреварување. Жоао Педро беше херој на Брајтон постигнувајќи го победничкиот гол во 88. минута, откако Олимпик Марсеј два пати ја погоди рамката од голот на домаќините на овој натпревар.
Ајакс го совлада АЕК со 3-1 во вториот меч од оваа група, но овие два тима и пред денешниот дуел немаа никакви шанси за пласман во следната фаза.
Многу интересно беше во Севилја, каде Глазгов Ренџерс славеше со 2-3 на гостувањето против Бетис, резултат со кој шкотскиот гигант се искачи на првото место во групата (пред Спарта Прага), додека Бетис испадна од европските натпреварувања за оваа сезона.
Аталанта е прва во својата група по победата од 0-4 на гостувањето против полски Раков, додека второто место му припадна на Спортинг Лисабон кој вечерва славеше со 3-0 над Штурм.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА