Динамо Загреб експресно го реши тренерското прашање откако денеска му врачи отказ на Игор Бишчан, па за нов кормилар на хрватскиот шампион беше именуван Сергеј Јакировиќ, стратегот што успешно ја водеше Ријека од стартот на новата сезона.
„Модрите“ инсистираа на квалитетен домашен тренер и експресно ги договорија личните услови со Јакировиќ, кој ќе потпише двогодишен договор со Динамо. Добра вест за Динамо беше и што не требаше директно да се преговара со Ријека, бидејќи во договорот на Јакировиќ имаше клаузула за отштета во висина од 100.000 евра што тимот од Загреб ја плати за експресно да го донесе новиот тренер.
Првиот човек на Ријека, Дамир Мишковиќ, не го криеше разочарувањето од односот на ривалот и „крадењето на тренерот“ само неколку дена пред клучниот меч со Лил во квалификациите за Конференциската лига.
„Не можам да дојдам при себе, она што го направија Динамо и Јакировиќ е спортска срамота. Луѓе од спортот не се однесуваат на таков начин. Јас од портали да дознаам дека Јакировиќ е нов тренер на Динамо Загреб… дури откако беше објавено тој ми се јави да ми соопшти… Срамота… Точно е дека постои клаузула за раскин, но мора да постои и ниво на комуникација“, изјави Мишковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА