(ИН)ДИРЕКТ: Тренд-бренд Вардар и (не)времето комитско

Екипа

Не сум јас „Комита“, морам тоа да го признам, си држам до новинарски стандарди, иако некои и од нашава фела повеќе сакаат да навиваат, отколку да пишуваат, ама тоа е друга тема. Но, сепак, се сметам за еден обичен „скопјанец – вардарец“, кој на времето одел на Запад, не за да навива, туку за да гледа фудбал, со членска карта со печатот на ФК Вардар. По ова, станав новинар, а новинарство – спортско, и вардарство – не одат заедно.

Можеби и не ме боли тоа исто колку и „Комитите“, ама јас ќе го напишам, па плукајте ме мене, за да им олесни на тие што цел живот навиваат, коски оставиле за клубот Вардар, а сега малку и се чувствуваат запоставени. Било да навива(ле) за ФК, РК, КК…од семејството Вардар, како што сега овие ’новопечените’ од кадрово сакаат да го кажат. Овие трендсетерите што „срце даваат“ за брендот Вардар.

РК Вардар стана европски шампион и го исполни сонот на секој Македонец. Чувство на гордост, среќа, радост, убавина во душата. Но, да не се лажеме, солзи на очи сигурно им доаѓаа единствено на „Комитите“, на вистинските, најверните навивачи на Вардар. Знам многу такви, и знам дека тие ќе ме сфатат, а овие ’новокомпонираните’ трендсетерски симпатизери, ќе ме плукаат – гарант.

Но, Вардар е бренд, одамна создаден, и не почнал сега или вчера, ниту пред неколку години. Фудбалскиот фала му на Бога, 70-ка ќе слави…, како и кошаркарскиот, а ракометниов е помлад, и ете бидна европски – најуспешен. Вардар е бренд, синоним, но сите оние кои држат до историјата на клубот, до тезата „еден живот, една љубов“, знаат дека определбата е комитска (клупски насочена), а не широко македонска (национално обоена). И не може сега овде, овој бренд на Вардар, во обид да стане што поширок тренд, да фаќа „крив правец“, да ги гази песните на навивачката група од типот „За Гоцевите идеали…“

Вчера се случи прекрасен пречек за ракометарите, се сподели радоста, дојде народ да ги отпоздрави. Да ги слави нашите европски шампиони. Но, немаше многу вардарска крв во себе сето тоа. Или ако ете се чувствувате вардарци колку и јас, не премногу, но доволно, тогаш да се исправам… Немаше ништо комитско во себе.

komiti vardar dinamo zagreb

Алегорија на Вардар се Комитите, не е тоа Фалангата. Иако некој сега, за да биде сето ова во тренд, во изминативе неколку години тоа така го претставува. Не знам дали воочивте, ама немаше многу факели… Немаше ниту транспаренти „Комити Запад“ во голем број, ги нема(ше) ниту долгогодишните навивачки фаци, а верувајте, добро ги знам јас, и многумина што ова ќе го читаат… Не беа тука како група, иако дел од нив, секако срце комитско не издржа, беа да прослават, видов барем преку фотки од Фејсбук.

Цела Македонија треба да се гордее со овој успех, и тоа дефинитивно е така. Секој Македонец е горд што македонски клуб стана најдобар во Европа. Оние трендовски селфија сега, со пехарот, со ракометарите (посебно од новинарите) и пофалбите на Фејсбук, верувајте, го расипуваат впечатокот, а и професионализмот. Тоа е исто како… ете, на пример замислете, да земеш медал со РК Вардар, и да земеш и медал од Купот со ФК Пелистер, а?! Или, пак, да си политичар, и да ставиш сега шал, па да го креваш пехарот… Со што заслуживте, бре, мајката?!

Потесното, иако не и ексклузивното, право да бидат комплетно поврзани со Вардар го имаат Комитите. Веќе три децении цели. И иако можеби прегрубо ќе звучи, тие беа заобиколени. Запоставени. Во годината кога слават 30 години јубилеј. На плоштадот, ај да не претерам, едни од ретките Комити беа Гоце Делчев и Даме Груев (спомениците), и Михајло Михајловски. Однапред извинување за секој поединец што се вклучил во општонародната прослава…Можеби оваа вечерашната, клупската, ќе биде малку поинаква…Ајде, да видиме…

Вардар заслужено стана европски првак, и тие заслуги одат за ракометарите и за Раул Гонзалес, со дополнување и на раководството. Но, ако некој најмногу заслужи да биде главен дел на прославата – тоа дефинитивно се Комитите.

И една силна критика и до нив. Знам дека не се нај, нај… во добри односи и со овие новите трендсетери и од раководната гарнитура, ама за испраќањето на Влатко Грозданоски дефинитивно – потфрлија! Потфрлуваат и секогаш кога ги нема на стадионите и во салите со поддршка за ФК и РК… Затоа што доаѓаат за Вардар, за себе, за црвено-црните бои, а не за поединци или (не)раководни структури… Затоа што доаѓаат за сето она што го оставиле зад себе за овој клуб, и за сето она што во иднина ги очекува. Вардар никој и никогаш не може да им го открадне!

Се вчитува...