Директорот на Ајакс тргна да го менува тренерот, но самиот доби отказ

Директорот Свен Мислинтат ја плати цената за катастрофалниот старт на сезоната на Ајакс и хаосот што настана со прекинот на вчерашното дерби против Феенорд, кога навивачите на гигантот од Амстрдам демолираа дел од стадионот на холандскиот гигант.

Мислинтат беше посочен како главен виновник за лошата трансфер-политика летово и заминувањето на дел од клучните фудбалери, но главната грешка директорот ја направи на ден пред дербито со Феенорд, кога влетал во соблекувалната и пред фудбалерите се заканувал дека ќе му даде отказ на тренерот Морис Стејн поради слабите резултати на тимот. Стејн во моментот не бил присутен во соблекувалната, но фудбалерите останале шокирани од односот на човекот кој треба да биде фудбалски директор.

За ситуацијата било известено највисокото раководство на Ајакс кое најпрвин сакало да го суспендира директорот, но по вчерашниот хаос на трибините било одлучено Мислинтат да добие отказ од функцијата.

„Ајакс ја завршува соработката со директорот за фудбал, Свен Мислинтант. Недостигот на поддршка од сите делови на организацијата беше причина за оваа одлука“, објави холандскиот гигант.

Се вчитува...