Извршниот директор на Баер Леверкузен, Фернандо Каро, изјави дека клубот од Леверкузен не добил никаква понуда за Флоријан Вирц, пренесуваат германските медиуми.
Некои медиуми објавија дека Вирц се согласил да се пресели во Баерн Минхен на крајот од сезоната.
„Знам дека не е вистина, иритирачки е да се читаат вести што не се вистинити“, изјави Каро.
„Билд“ објави дека челниците на клубот од Леверкузен се договориле да го продадат Вирц на Баерн за 150 милиони евра, додека шпанските медиуми објавија дека родителите на германскиот фудбалер преговараат со Манчестер Сити.
„Баерн може да испрати понуда во секое време и ние тогаш ќе ја разгледаме. Сепак, досега ниту еден клуб не испратил понуда за Вирц“ – додаде Каро.
Вирц има договор со Баер до 30 јуни 2027 година. Тој одигра 44 натпревари за клубот од Леверкузен оваа сезона и постигна 16 гола.
Каро изјави дека клубот сè уште не одлучил кој ќе го замени Чаби Алонсо на клупата на тимот, кој го напушта Леверкузен на крајот од сезоната.
„Секако дека би биле среќни доколку можеме да објавиме кој ќе биде новиот тренер до крајот на мај. Мораме да го изградиме тимот за време на преодниот период, а тоа е многу полесно со тренер. Одлуката за нов тренер е првиот дел од сложувалката, а потоа ќе разговараме за составот на тимот за следната сезона“ – заклучи Каро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

