Директорот на лигата потврди: Победа на Црвена Звезда од 20-0 и шампионски пехар

Хаосот што владееше на вториот меч од финалето меѓу Партизан и Црвена Звезда ќе биде решен на „зелена маса“, и тоа со службена победа на „црвено-белите“ од 20-0, што ќе значи и освојување на шампионската титула во српското првенство од страна на актуелниот АБА-првак.

За потсетување, кошаркарите на Црвена Звезда и судиите се повлекоа во соблекувалните по навредите упатени кон Небојша Човиќ, прекинот траеше повеќе од еден час, по што кошаркарите на Партизан најпрвин го напуштија теренот, а потоа и салата. Токму тогаш се вратија гостинските кошаркари заедно со официјалните лица, по што почна да одбројува часовникот – домаќините имаа 15 минути да се вратат и да го доиграат мечот.

Очекувано, тоа не се случи, а првиот човек на Кошаркарската Лига на Србија, Александар Грујин, потврди декамечот ќе биде регистриран со конечни 20-0 за Црвена Звезда.

„Нема причина за сомнеж во било какви сценарија. Единствени меродавни се првиот судија и делегатот. Спикерот во салата објави дека мечот ќе биде доигран утре, не знам кој му кажал такво нешто бидејќи јас цело време бев во контакт со официјалните лица и таква одлука не постоеше. Она што можам да го кажам, судиите и делегатот постапија согласно важечките пропозиции. Мечот ќе биде регистриран со службен резултат 20-0, а дополнително со раководството на Црвена Звезда ќе биде договорено кога да се случи и доделувањето на пехарот и шампионските медали“, изјави Грујин.

Се вчитува...