Организаторите на Супер-лигата предводени од Реал Мадрид и Барселона забележаа огромна правна победа, откако Европскиот Суд денеска донесе одлука дека УЕФА и ФИФА немаат право да ги санкционираат екипите кои сакаат да бидат дел од друго меѓународно натпреварување, кое не е под капата на овие организации.
Како што е добро познато, УЕФА ги казни сите клубови кои беа дел од првичниот проект наречен Супер-лига, дел од нив експресно се повлекоа од идеајата, но Реал Мадрид и Барселона останаа доследни водејќи ја оваа правна битка.
На крајот, судот ги прифати аргументите на Супер-лигата дека УЕФА и ФИФА имаат незаконски монопол за организација на меѓународни натпреварувања, јасно ставајќи го знаење дека тоа е забрането и дека можат да бидат организирани и други регионални, па дури и интерконтинентални фудбалски натпреварувања ширум Европа и светот.
Извршниот директор на Супер-лигата, Бен Рајхарт не го криеше задоволството од оваа победа истакнувајќи дека е готов монополот на УЕФА.
„Добиваме вистинско натпреварување. Готов е монополот на УЕФА. Фудбалот е слободен. Сега клубовите нема повеќе да трпат закани и санкции. Слободни се сами да одлучуваат за својата иднина. Ова е порака за навивачите – сите натпревари од Суперлигата ќе ги пренесуваме бесплатно. За клубовите – загарантирани се клупски приходи и плаќања во знак на солидарност со фудбалот“ – вели Рајхарт.
Според најавите, сега во најблиска иднина ќе се формира лига со учество на околу 60 европски клубови, поделени во неколку дивизии, а секој тим ќе игра меѓу себе 14 до 20 натпревари по сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

