Кристијан Дисингер ја бранеше честа на Германците во Келн, како единствен ракометар од земјата домаќин на овој фајналфор турнир. Левиот бек на Вардар имаше тешка сезона во која заработи сериозна повреда, но успеа да се рехабилитира навреме за да може да настапи на овој фајналфор турнир. Тој ќе се врати во Скопје со остатокот од тимот за денешната шампионска парада, но е свесен дека наскоро најверојатно ќе си замине од таборот на Вардар.
„Ние во Вардар не сме соиграчи, ние сме 18 браќа и токму тоа ни ја донесе титулата. Објавата на сопственикот за негово повлекување само уште повеќе не зближи, не направи помотивирани за финишот од сезоната. Секако дека сум пресреќен, одиме назад во Скопје каде што се најавува извонреден дочек. Неколку дена ќе славиме, а потоа ќе видиме. Немам договор, а според она што го слушаме Вардар нема да биде на истото ниво како досега. Се надевам дека тоа нема да се случи, дека ќе се најдат пари за овој проект да продолжи“ – истакнува Дисингер.
„Вардарци“ денеска со чартер-лет ќе пристигнат во Скопје во 18.50 часот, по што ќе се упатат кон центарот на Скопје, каде ќе биде организирана главната прослава по повод големиот успех – втората европска титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА