Дисингер: Вардар е голем клуб – нуди се што треба на едно место

Кристијан Дисингер го мина првиот месец во дресот на Вардар, а германскиот бек не крие дека е презадоволен од условите за работа што ги има како член на македонскиот првак. Откако во минатото имаше бројни проблеми со повреди, Дисингер смета дека Вардар е идеален клуб за него да се врати во топ-форма.

„Вардар е навистина голем клуб, на ракометарите им нуди се што им е неопходно на едно место, во модерна сала и хотел кои се дел од еден комплекс. Имаме исклучително добри услови за тренинг, одлична сала, просторија за фитнес, базен, врвни физиотерапевти… Тренираме по два пати на ден, а на пладне јадеме во ресторанот од хотелот, така што не мораме да возиме. Буквално можете да го минете целиот ден во салата и ништо да не ви недостига“ – истакнува Дисингер за германскиот ракометен портал „хендбол ворлд“.

Поранешниот бек на Кил спречи пораз на последниот меч од Лигата на шампионите против Брест Мешков, но Германецот останува скромен тврдејќи дека бројот на постигнати голови не му е воопшто важен.

„Не е важно колку голови имам постигнато, за мене пресудно е да си ја вратам самодовербата, нешто што го загубив во Кил. Затоа ми е многу важно што тренерот Парондо верува во мене, тоа е многу позначајно од бројката на постигнати погодоци. Играм по околу триесет минути секој натпревар што е во ред бидејќи сум кратко време во клубот, во одбраната немам проблем бидејќи системот на игра е сличен на оној во Кил. Севкупно гледано се чувствувам многу добро и сакам да помогнам да ги оствариме зацртаните цели, да стигнеме до Ф4 во СЕХА-лигата, најмалку до четвртфиналето од Лигата на шампионите и да ја одбраниме титулата во домашното првенство“ – вели Дисингер.

Се вчитува...