Дисциплинската и етичката комисија на УЕФА, по спроведени истражни постапки, ги отфрлија сите обвинувања и претстапки против претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски поднесени од „Обединетите за фудбалот“.
Според извештајот од УЕФА, Дисциплинскиот инспектор на УЕФА по спроведена истражна постапка го затворил случајот против Ѓорѓиоски откако е утврдено дека нема основи за поведување дисциплинска постапка.
„По повеќемесечни независни истражувања од страна на УЕФА, според стандарди и принципи кои базираат само на докази и факти, утврдено е дека обвинувањата за измама, фалсификување, за непотизам и незаконитости се комплетно неосновани, контрадикторни, и се паушални лични перцепции. Токму поради тоа истражувањето комплетно се затвора, како и целиот случај, без понатамошни дополнителни процедури“ – се вели во дел од извештајот кој е испратен како одговор до иницијаторите за оваа постапка, „Обединетите за фудбалот“.
Извештајот од УЕФА и отфрлањето на сите обвиненија кон Илчо Ѓорѓиоски, ги потврди на денешната прес-конференција и фронтменот на „Обединетите за фудбалот“, Драган Томовски.
„Да, УЕФА по истражните мерки не нашла ништо незаконски во работата на ФФМ. Ние поднесовме претставки, но инспекторот за етика од УЕФА не нашле замерки за работата во ФФМ. Информирани сме дека сите наши документи се разгледани. Како и да е, нашата борба за подобар македонски фудбал и натаму силно продолжува“ – истакна Томовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА