Ерик тен Хаг одбива да поднесе оставка, но прашање е уште колку управата на Манчестер Јунајтед ќе продолжи да го толерира холандскиот стратег кој продолжува да урива неславни рекорди.
Ремито со Астон Вила значи дека Манчестер Јунајтед по првите седум кола има освоено само осум бода, со што ќе ја мине оваа репрезентативна пауза на 14. место на премиерлигашката табела. Статистичарите пресметаа дека ова е најслаб старт на една сезона на Јунајтед од формирањето на Премиер-лигата во 1992 година.
Последен пат „црвените ѓаволи“ имале помалку од девет бода по првите седум рунди уште во сезоната 1989/90, кога на чело на тимот беше Сер Алекс Фергусон, под чие водство беа освоени седум бода, а сезоната беше завршена на 13. место.
Интересно, Тен Хаг лани постави неславен рекорд откако во првите седум премиерлигашки рунди освои само девет бода, за сезонава уште покатастрофално да ја стартува Премиер-лигата. „Црвените ѓаволи“ имаат постигнато само пет гола во овие седум натпревари, со што се втор најнеефикасен тим во елитното англиско друштво (послаб од нив е само Саутемптон со четири постигнати погодоци).
На потег е управата, дали да му даде нова шанса или репрезентативната пауза да ја искористи за тренерска смена на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА