Започна Европското првенство во мечување за кадети и јуниори кое се одржува во Анталија, Турција. За настап на првенството, селекторот Билјана Кузмановска ги одреди кадетите Огнен Бундалески и Петар Дамјаноски и јуниорите Матеј Тодоровски и Павел Трпковски.
Први настапија кадетите Огнен Бундалески и Петар Дамјаноски. Во групната фаза, во конкуренција од 111 мечувалци од 40 држави, Огнен стартуваше со 4 победи и обезбеди директен пласман помеѓу 64, а Петар забележа 2 победи и со победа од 15:9 во првата елиминациска борба обезбеди настап во 64.
По елиминациските борби, во многу неизвесни мечеви, Огнен Бундалески го освои 51, а Петар Дамјаноски 64. место. Оцена на селекторот Кузмановска е дека и двајцата прикажаа добри борби и рамноправно се носеа со натпреварувачите од државите кои спаѓаат во самиот светски врв. На 27. Февруари ќе настапат јуниорите Матеј Тодоровски и Павел Трпковски.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

