Полска стигна до првата победа во нашата група, исклучително значајна ако се знае дека Полјаците на гостински терен ја совладаа Естонија (86-88), резултат што целосно оди во прилог на Македонија.
Мечот беше сличен на оној од пред неколку дена одигран во Полска, но овојпат „црвено-белите“ беа поумешни во финишот, го издржаа притисокот и стигнаа до триумф што за нив не е од преголемо значење ако се знае дека како ко-домаќини секако ќе бидат дел од Евробаскет 2025.
Од друга страна, поразот на Естонија е одлична вест за нашата репрезентација, бидејќи дури и во случај на пораз вечерва, Македонија нема да ги загуби шансите за пласман на европскиот шампионат. Секако, избраниците на Јончевски ќе сторат се за триумф во Клаипеда над Литванија, но и доколку тоа не се случи, останува шансата да ги стигнеме Естонците на табелата.
За тоа да се случи, ќе треба во последните две кола најпрвин да ја совладаме Естонија со над пет поени разлика во Талин, а потоа на домашен терен да славиме и над Полска, но и Естонците да загубат на гостувањето во Литванија.
Шансите не се преголеми, но со ваква игра како во првото полувреме во Литванија ништо не е невозможно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА