Проблемите со височината во македонската кошаркарска репрезентација би требало да се намалат откако на подготовките на националниот тим се приклучи и центарот Теодор Симиќ.
Откако вчера на располагање на селекторот се стави Адем Мекиќ, со денешното доаѓање на Симиќ се решава уште еден проблем и работата на репрезентацијата дополнително ќе добие на интензитет.
„Ако ништо друго, нема да имам потреба за ‘адаптација’ на овие услови за работа овде во Гевгелија… Пред нас е оној најважен дел до подготовките во кој треба максимален ангажман од сите. Репрезентацијата изгледа ‘помлада’, што значи дека нашите обврски кон националниот тим се уште поголеми. Доста добро се познаваме, што треба да ни ја олесни задачата во оној тактички дел од подготовките. Останува добро да се подготвиме во деновите кои се пред нас и да се обидеме да дојдеме до што е поголем број на победи во претквалификациите. Овде ќе имаме и две ‘контроли’, на кои ќе видиме што и како треба до оние мечеви со Романија и со Унгарија’ – изјави Симиќ по доаѓањето во репрезентативната база во Гевгелија.
Националниот тим би требало да се комплетира следната седмица со доаѓањето на Вајли и на Јакимовски. Премиерниот меч од претквалификациите македонските кошаркари го играат на домашен терен во Куманово, на 2 август против селекцијата на Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

