Добра игра и пораз од Хрватска во Вараждин

Ракометната репрезентација на Македонија загуби со 27-25 на дуелот со Хрватска одигран во Вараждин, во претпоследната контрола што нашиот национален тим ја имаше во пресрет на СП 2025. Избраниците на Кире Лазаров одиграа квалитетен натпревар во кој целосно му парираа на одличниот ривал, по првото полувреме дури имавме и предност, но Хрватите во самиот финиш успеаја да се одлепат и да стигнат до победата. Голманот Пешиќ направи разлика за Хрватска во финишот, а „коцкестите“ во клучните моменти имаа и помош од арбитрите, кои со неколку исклучувања на наши ракометари во финишот му помогнаа на домашниот состав да стигне до победата.

Лазаров го почна мечот со Митревски на голот, Кузмановски, Митев и Велковски на бековските позиции, Атанасијевиќ и Костески како крила и Милан Лазаревски на пивотменската позиција од самиот почеток. Токму Лазаревски изнуди пенал во нашиот прв напад што Кузмановски го претвори во гол за 1-1, одбраната ни функционираше сосема солидно и по осум минути игра резултатот гласеше 2-2. Македонија продолжи да парира до 5-5, а Хрватска за првпат поведе со два гола предност со 7-5. Во следниот напад Митев изнуди пенал што капитенот Кузмановски рутински го претвори во гол за 7-6. Дувњак погоди од сопствените шест метри во празна мрежа за 8-5, а веќе во следниот напад Хрватска имаше и зицер за „плус три“, но Митревски фантастично интервенираше. Хрватска преку Мартиновиќ поведе со 9-6, што беше причина селекторот Лазаров да земе тајмаут.

Советите вродија со плод, Атанасијевиќ веднаш успеа да ја прекина серијата на домаќините. Митревски со седмата одбрана во 24. минута (нов запрен зицер) ја потврди извонредната форма, овозможувајќи Павле Атанасијевиќ со прекрасен гол да намали на само еден гол негатива (11-10). Одбраната доби на интензитет, овозможувајќи лесен гол од контранапад преку Џонов, за израмнување на 11-11, принудувајќи го Сигурдсон да го побара својот прв тајмаут на натпреварот. При 12-12 имавме одлична шанса за водство, но Кузмановиќ го запре седмерецот на Филип Кузмановски. На спротивната страна примивме гол и исклучен беше Карасманакис, но Македонија одигра одлично во финишот и преку Серафимов и Џонов замина на одмор со водство од 13-14.

На почетокот од второто полувреме промашивме зицер преку Јагуриновски при водство од 14-15, а Хрватите казнија со два брзи гола и пресврт (16-15). Кизиќ влезе и одбрани два пенала, по што Пешевски на спротивната страна биеше прецизно за 17-17. Судиите повторно ги „поттурнаа“ домаќините во периодот кога не им одеше, исклучувајќи го Лазаревски. Две минути подоцна, нова судиска грешка, најпрвин подарена топка иако хрватски ракометар играше со нога (беше досудено дека наш играч го сторил тоа), а потоа и престрого исклучување за Џонов за минимален контакт.

Хрватите знаеја како да го искористат тоа, Пешиќ застана на голот и врза неколку интервенции, па „коцкестите“ поведоа со 21-19. Македонија повторно покажа карактер, со голот од контранапад на Костески намалувајќи на 21-20. Сигурдсон зеде тајмаут на седум минути до крајот при водство на Хрватска од 23-21. но нашите ракометари внесоа неизвесност во финишот, намалувајќи на 24-23 со пеналот на Серафимов на помалку од пет минути до крајот. Кизиќ блесна со уште една одлична интервенција, по која Костески од полуконтра донесе израмнување (24-24). Судиите на три минути до крајот го исклучија Серафимов, во следниот хрватски напад две минути доби и Лазаревски, а „коцкестите“ знаеја како да го искористат тој подарок и го добија натпреварот со конечни 27-25.

 

Се вчитува...