Добра вест: Повредата на Елмас не е сериозна

Елиф Елмас поради повреда не настапи на последниот дуел против Лече, но од Апенинскиот полуостров денеска пристигнуваат позитивни информации околу статусот на македонскиот репрезентативец.

Имено, проблемот со повредениот мускул на Елиф не е премногу сериозен, па „дијамантот“ веќе почнал со тренинзи со остатокот од тимот. Иако не тренира со полна пареа, големи се шансите Елмас да може да настапи во последното коло од Серија А, против Рома. Она што е најважно за нас, повредата не е сериозна, па не би требало да биде доведено во прашање учеството на Елмас на следните квалификациски натпревари во јунскиот циклус, против селекциите на Казахстан и на Белгија.

Елмас досега има 13 натпревари во дресот на Торино, постигнувајќи четири погодоци. Овој клуб засега не испрати понуда за да го откупи договорот со Лајпциг, па лесно може да се случи мечот против Рома да биде последниот што македонскиот репрезентативец ќе го игра за сегашната екипа.

Се вчитува...