Повредата што Илија Несторовски ја заработи за време на натпреварот со Торино сепак не е од посериозен карактер, па македонскиот ас ќе може експресно да се врати на фудбалските терени. Оваа информација попладнево ја пренесоа неколку италијански медиуми, според кои деталните лекарски прегледи покажале дека не станува збор за никакво оштетување на скочниот зглоб во кој Несторовски чувствувал болка.
Со тоа било дадено зелено светло за тој веднаш да му се стави на располагање на стручниот штаб по што Несторовски тренирал со остатокот од тимот пред очите на новиот претседател Бокалјини. Според информациите од Апенинскиот полустров, нема никакви дилеми дека Нестор-гол ќе го предводи својот тим на неделниот дуел со Рома, на кој Палермо ќе се обиде да приреди сензација против еден од претендентите за највисок пласман во Серија А.
Добрата вест за Палермо е добра вест и за македонскиот национален тим, со оглед на фактот дека Несторовски ќе биде во можност да им помогне на репрезентативните колеги на претстојното гостување во Лихтенштајн на 24 март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА