ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Македонска инвазија се очекува за викендов во Вараждин, а одлична вест доаѓа од градот домаќин за сите оние кои се уште немаат билети за дуелот што нашите ракометари ќе го играат со Шпанија.
Имено, поголемиот дел од билетите за оваа втора фаза беа купени од страна на навивачи од Унгарија, кои поради близината на оваа земја се собраа во голем број и на натпреварите од првата фаза. Сепак, во ситуација кога нивните миленици не се пласираа во следната рунда, сега билетите за групата 2 не се „во мода“ во Унгарија, па фановите од оваа земја бараат начин како да ги вратат на организаторите.
Како што дознава ЕКИПА, постои расположение за вакво нешто поради фактот дека и организаторите се свесни дека можат без проблем повторно да ги продадат билетите, со оглед на огромниот интерес од Македонија, но и од Словенија, за претстојните возбудувања во Вараждин. Во најскоро време во продажба би требало да бидат пуштени дополнителни билети, од кои „фалангата„ сигурно ќе дојде до дел, се со цел ракометарите да имаат поддршка на нивото од Загреб, каде навивачите им дадоа крила на избраниците на Раул Гонзалес.
Многу поголем проблем ќе биде сместувањето со оглед на премалите капацитети во овој град, поради што голем дел од фановите кои ја следеа првата фаза од шампионатот, останаа во Загреб, па ќе патуваат околу сто километри до Вараждин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА