Македонија летово дебитираше на европските шампионати, но нашата репрезентација во иднина би можела да стане редовен учесник на континенталните собири доколку се реализираат најавите дека УЕФА планира уште повеќе да го зголеми бројот на учесници на ЕП. Ова беше второ европско првенство на кое учество земаа 24 репрезентации, а плановите на европската куќа на фудбалот е во иднина дел од овие натпреварувања да бидат дури 32 национални селекции.
Ако се знае дека членки на УЕФА се вкупно 55 различни европски држави, јасно е дека повеќе од половина би биле дел од европските шампионати, а меѓу нив би требало да се избори и Македонија.
„Бројот на учесници треба да се зголеми за уште поголема популаризација на фудбалот. Луѓе од највисокото раководство на УЕФА ја форсираат оваа идеја, но немаат намера да говорат јавно додека не биде покрената официјална иницијатива. Доколку се биде во најдобар ред, веќе на ЕВРО 2028 би можеле да видиме 32 репрезенации“, објави медиумската куќа АП.
Зголемувањето на 32 селекции би значело и поедноставување на системот, би се формирале по осум групи со по четири репрезентации, од кои најдобрите две би се пласирале во осминафиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА