Добра вест: Златан ќе може да игра на ЕВРО 2020

Златан Ибрахимовиќ сепак ќе може да настапи за Шведска на претстојниот европски шампионат откако денешните детални прегледи утврдија дека не станува збор за премногу сериозна повреда. Ибракадабра го повреди коленото на дербито со Јувентус, челниците на Милан веќе објавија дека тој е „во аут“ до крајот на сезонава, а постоеја стравувања дека Ибрахимовиќ би можел предвреме да ја заврши кариерата иако неодамна потпиша нов договор со Милан.

За среќа, најновите прегледи ги отфрлија стравувањата дека проблемот е во лигаментите на коленото и дека ќе биде неопходна операција. Повредата не е премногу сериозна и првите прогнози на лекарите се дека Златан ќе може да се врати за околу три седмици, што би значело дека тој ќе биде подготвен за да настапи за Шведска на ЕВРО 2020.

Искусниот голгетер ја прекина репрезентативната пензија за да им помогне на Швеѓаните на овој европски шампионат, на кој „сино-жолтите“ се наоѓаат во иста група со Шпанија, Полска и Словачка.

Се вчитува...