Македонската машка младинска ракометна репрезентација групната фаза на Европското првенство во Словенија ја заврши како второпласирана без пораз, со една победа и две ремиња од кои последното доаѓа од дуелот против Австрија во кој нашите надежи ремизираа со 20-20 во блескава изведба на голманот Иван Галевски кој одбрани 15 обиди.
Второто реми во групната фаза за жал не беше доволно за Македонија да се најде во четвртфиналето од разигрувањето за титула, но ремито сепак носи добри вести за нашите ракометни надежи кои изборија учество на Светското првенство до 21 година кое ќе се одржи во 2025 година.
Во полза на „црвено-жолтите“ беше и денешниот натпревар помеѓу Полска и Украина во кој Полјаците кои се домаќини на Мундијалот следната година славеа убедливо и се пласираа во разигрувањето од 9. до 16. место. Тоа воедно значи и билет за светскиот собир за сите репрезентации кои се во оваа фаза од натпреварувањето.
Европа има 15 места на Светското првенство за младинци идната година, а Полска има директен пласман па и 16. место континенталниот собир води на собирот на најдобрите светски репрезентации.
Учеството на оваа генерација на Светското првенство за младинци ќе се игра од 18 до 30 јуни 2025 година во Полска ќе биде четврто големо натпреварување по кадетскиот ЕХФ шампионат во Летонија во 2022 година, кадетското Светско првенство во Хрватска во 2023 година и актуелното младинско Европско првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА