Менаџерот на Челси, Антонио Конте, потврди дека Еден Азар е фит и ќе биде во конкуренција за настап утре против Арсенал, во рамките од првиот дуел во полуфиналето од Лига купот на Англија.
Азар го пропушти мечот против Норвич во ФА купот изминатиот викенд поради „ситна“ повреда на листот, но Белгиецот ја надмина и е подготвен за настап.
„Азар ги надмина проблемите со листот и целосно се опорави, што значи дека ќе биде во конкуренција за настап за утрешната средба. Подготвен е да помогне на тимот да го оствари првиот чекор кон пласман во финалето на овој куп“, истакна Конте.
Што се однесува за новото засилување Рос Баркли, ќе мора да почека за своето деби во синиот дрес знаејќи дека долго време се опоравуваше од повреда на бутниот мускул, но италијанскиот стратег вели дека фудбалерот брзо напредува и е во добра кондиција, па и тоа деби ќе се случи наскоро.
„Сите останати играчи се во ред и подготвени за игра, но се уште е рано за Рос Баркли. Не сакаме да ризикуваме, тој одлично напредува со опоравувањето и наскоро ќе го видиме на теренот“, додаде Конте.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА