Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија по двата убедливи порази денеска ја забележа првата победа на Европското Првенство – Б дивизија што се игра во Португалија. Наш ривал вечерва беше Луксембург, но избраниците на селекторот Радуловиќ одговорија на предизвикот, одиграа беспрекорно во сите 40 минути и заслужено триумфираа со убедливи 93-64. Противникот на хартија е голем аутсајдер, но мора да се истакне дека голем дел од нашите репрезентативци лани среде Скопје загубија токму од Луксембург со 63-73 како дел од М18 селекцијата, лекција што дефинитивно е добро научена.
„Црвено-жолтите“ денеска одиграа доминантно, на самиот почеток поведоа со 7-0 и го контролираа резултатот до крајот на мечот. Противникот со прецизни удари од далечина успеваше да се одржи резултатски во првата четвртина (23-18), но потоа Македонија во вториот период стигна до двоцифрена предност што ја зголемуваше како што течеше времето, се до конечните „плус 29“.
Дамјан Крстевски одигра одличен натпревар реализирајќи 22 поени, Каркури оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови, а 14 поени и 7 асистенции реализираше Лука Стојановски.
Нашите млади кошаркари утре во последниот меч од групата се среќаваат со Словачка, директна пресметка за третото место на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА