Сојузот на спортови на Скопје, денеска по повод ослободувањето на градот Скопје, организираше свеченост за доделување на наградите „13 Ноември“ на спортисти, тренери, спортски работници и организации, кои изминатата година постигнаа одлични резултати и придонесоа за развој и унапредување на македонскиот спорт во различни категории.
На свеченоста што се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ беа доделени 10 награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот. Оваа награда претставува признание за исклучителните придонеси на добитниците во спортската област, со што тие оставија трајна трага во развојот на спортот и во промоцијата на спортските вредности во нашата заедница.
Наградата „13 Ноември“ – спортист беше доделена на еден од најуспешните македонски атлетичари Дарио Ивановски, кој минатата година настапи на маратонот на Олимписките игри во Париз 2024 и стана стана првиот македонски олимпиец кој завршил една маратонска трка. Ивановски продолжи да постигнува одлични резултати и во 2024 година, остварувајќи неколку лични рекорди, а го освои и третото место на маратонската трка на годинашниот Виз Ер Скопски маратон.
Наградата тренер ја доби Игор Јакимовски, тренер на атлетичарот Дарио Ивановски, кој е еден од најзаслужните за резултатите на Дарио.
Наградите за животно дело им припаднаа на Владимир Радиќ, поранешен ракометен тренер, кој беше и на кормилото на некогашниот женски европски шампион Кометал Ѓорче Петров, Ѓоко Хаџиевски, македонска фудбалска легенда и некогашен селектор на фудбалската репрезентација на Македонија и Ѓорѓи Чадиковски, атлетски тренер.
Останатите добитници на наградата „13 Ноември“ за 2024 година се Марјан Угриновски – Професор во Основното училиште „Јан Амос Коменски“, Мирјана Крстевска – Професор во СУГС „Димитар Влахов“, Филип Поповски – фудбал, спортски работник и Влатко Неделковски – декан на Факултет за физичка култура, спорт и здравје, спортски работник. Наградата „13 Ноември“ му припадна и на Спортското радио 90.3, за посебен придонес за промоција и развој на спортот во нашата држава.
Наградите „13 Ноември“ се доделуваат уште од 1970 година, по повод ослободување на градот Скопје. Наградата се доделува за особени заслуги во развој и унапредување на спортот како и за врвни спортски достигнувања на заслужен спортист, тренер, професори по спорт, спортски новинари, спортски работници и награди за животно дело во областа на спортот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА