Доделени наградите „8 Септември“ за придонес во спортот – Наградата за животно дело за Јошко Миленкоски (ФОТО)

Министерството за спорт, на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија, денеска ги врачи државните наградите „8 Септември“ за посебни остварувања во областа на спортот. Доделена е награда за животно дело и четири еднократни награди за остварувања во спортот.

„Ми претставува огромна чест и задоволство денеска да ги доделам овие награди за особен придонес и остварувања во спортот, кои се апсолутно заслужени. Ме радува што од година во година доделувањето на оваа награда прераснува во голема и значајна манифестација. Им честитам на сите добитници, оваа награда е пример како треба да се претставува спортот и државата, да се промовираат вистинските вредности и да биде мотив за сите идни добитници, спортисти и спортски работници“ – порача министерот Борко Ристовски на свеченото доделување на наградите.

Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Република Македонија на меѓународен план му припадна на проф.д-р Јошко Миленкоски, истакнат македонски одбојкар, универзитетски професор, долгогодишен одбојкарски тренер и актуелен селектор на македонската одбојкарска репрезентација.

Миленкоски како тренер предводеше врвни клубови и репрезентации во Македонија, Турција, Грција, Тунис и Црна Гора, освојувајќи шампионски титули, национални и суперкуп трофеи, како и учества во елитни европски натпреварувања.

Како универзитетски професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, автор на пет книги и повеќе од 100 научни трудови, активен учесник на меѓународни конгреси и член на Македонскиот олимписки комитет и на Македонскиот антидопинг комитет, проф.  д-р Јошко Миленкоски остави траен белег во развојот на спортот и образованието.

Во 2016 година беше одликуван како спортски амбасадор, активно придонесувајќи за меѓународната промоција и афирмација на Македонија и на македонскиот спорт.

„Оваа година е година во која го прославувам својот јубилеј – 50 години во одбојката, без ниту еден ден прекин во мојата кариера. Над 10.000 тренинзи, повеќе од 2.000 натпревари, повеќе од 100 натпревари со македонската одбојкарска репрезентација на највисоко европско и светско ниво, повеќе од 100 објавени научни и стручни трудови, неколку книги по одбојка во Македонија и во странство, па сѐ до улогата на селектор и спортски амбасадор на Македонија, мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Победував, но и губев, освојував многу трофеи и награди и признанија, повеќе од 50 медали и трофеи на национално и меѓународно ниво. Сето тоа претставува мој заеднички успех со клубовите и репрезентациите кои ги водев. Вложив многу труд и љубов во својата работа, а одбојката, мојата љубов и нашата сакана Македонија ми вратија многу повеќе. Денеска е најголемиот ден во мојот спортски живот и со огромна чест и длабока благодарност ја примам наградата за животно дело за остварувања во областа на спортот. Ова не е признани само за мојот спортски пат, туку е и признание за сите генерации спортисти, тренери и спортски работници со кои имав чест да соработувам во изминативе пет децении“ – истакна Миленкоски.

Државна еднократна награда „8 Септември“ за остварувања во спортот добија четворица истакнати спортски работници: Хамид Бакија (боречки спортови), Зоран Николовски (фудбалски судија), прим. д-р Виктор Тевчев (спортска медицина) и Кирил Манев (новинар).

Се вчитува...