Договор на 15 години: Средби од „Примера“ ќе се играат во САД и Канада

Раководството на шпанската лига постигна договор за соработка со конзорциум од САД, според кој натпревари од Примера дивизион ќе се играат и на северноамериканскиот континент, на стадиони во Канада и во САД. Станува збор за идеја што се разработуваше уште од крајот на минатата година, по првата средба што претседателот на лигата, Хавиер Тебас, ја имаше со американските бизнисмени, за денеска и официјално да биде потпишан договор со времетраење од 15 години.

Според првичните информации, се прават анализи за да се избере дуел што би бил атрактивен за целокупната јавност, па речиси сигурно е дека еден од тимовите ќе биде или Барселона или Реал Мадрид.

„Ќе видиме со кои тимови би се договориле, никако не би терале некого со сила да игра во САД. Ова е голем чекор напред и сите треба да го увидат тоа, ќе видиме и колкава компензација ќе побараат клубовите за учеството во еден ваков спектакл“ – изјави Тебас.

 

 

Се вчитува...