Осман Дембеле ќе стане втор најскап фудбалер во светот (зад Нејмар) откако Барселона и Борусија Дортмунд ги договорија условите од неговиот трансфер, кој би можел да достигне неверојатни 150 милиони евра. Двата клуба петнаесетина дена беа во преговори за трансферот за францускиот крилен офанзивец, за на крајот конечно да биде постигнат целосен договор.
Деталите не се откриваат но весникот “Л’Екип“ попладнево обелодени дека Борусија ја прифатила понудата на Барселона, која со клаузулите достигнува 150 милиони евра (се очекува германскиот клуб да добие околу 120 милиони при самиот трансфер, плус 30 преку клаузули).
Дембеле во последните десетина дена вооопшто не тренираше со остатокот од тимот, па Борусија во секој случај одлично го наплати заминувањето на овој фудбалер. Французинот како крилен офанзивец ќе ја има улогата на директен наследник на Нејмар, а Барселона ќе настојува да доведе најмалку уште едно засилување (во фокусот остануваат Кутињо и Ди Марија без оглед на одбиените понуди од Ливерпул и од ПСЖ).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА