Најголемиот спортски настан годинава е Светското првенство во атлетика кое денеска почнува во Доха во Катар. Повеќе од 1900 атлетичари од 210 држави ќе се борат во 24 дисциплини следните 10 дена. Македонија ќе ја претставува Јован Стојоски кој ќе настапи во квалификациите на 400 метри кои на програмата ќе бидат на 1. октомври.
Главните натпреварувања ќе се одржуваат на стадионот „Калифа“ кој има капацитет од 40.000 седишта. Се очекуваат повеќе од 200.000 гледачи, а картите кои се наоѓаат на трибината која е на страната на целната линија се распродадени. Поради високите температури кои се во Доха, на стадионот е инсталиран развиен систем за ладење, како температурата би била 26 степени.
Прво големо атлетско натпреварување без Јусеин Болт
Јамајканскиот спринтер и еден од најголемите атлетичари на сите времиња, Јусеин Болт првпат по една деценија нема да биде дел од еден голем атлетски собир. Човекот кој што ја одбележа претходната деценија, по Светското првенство во Лондон стави крај на блескавата кариера во која доминираше на делниците на 100 и 200 метри. Болт не беше само атлетска ѕвезда, тој беше и поп-ѕвезда. Едноставно може да не знаеш ништо за атлетика, но Јусеин Болт да го знаеш. Малку се спортисти кои се повеќе популарни од спортот во кој се натпреваруваат. Трките на 100 и 200 метри на кои трчаше Јамајканецот беа погледани и од финалиња на Светски фудбалски првенства. Неговото присуство на тартанот во Доха ќе недостасува, но атлетиката мора да продолжи понатаму и да се надева дека наскоро ќе се појави нов Јусеин Болт, кој нема да ја промени само „кралицата на спортовите“, туку ќе го промени и светот, нешто што знаеше да го направи токму големиот Јамајканец.
Атлетичарите кои треба да го обележат шампионатот
Американецот Ноа Лајлс годинава покажа дека е достојна замена на Болт на делницата од 200 метри. 22-годишникот е сопственик на четвртото најдобро време на сите времиња на оваа делница, а на неколку митинзи годинава успеваше да го сруши рекордот на Јамајканецот.
Далила Мухамед го урна 16 години стариот светски рекорд на 400 метри со пречки. На државното првенство на САД, таа го подобри стариот најдобар резултат во светот за 14 стоинки. Новото најдобро време сега е 52.30. Претходниот рекорд и припаѓаше на Русинката Јулија Печонкина и беше поставен во 2003 година.
Хуан Мигуел Ечеверија е момче кое се очекува да ги надмине резултатие на Карл Луис и Мајк Пауел во скок во далечина кои ги поставија во веројатно најдобриот дуел во историјата на Светските првенства во Токио 1991 година, кога еден против друг ја уриваа границата на нов светски рекорд, кој во моментов е во сопственост на Пауел (8.95м).
Карстен Вархолд сезонава постави втор најдобар резултат во историјата на 400 метри со пречки, приближувајќи се до резултатот на Кевин Јанг од далечната 1992 во Барселона.
Маратонот ќе се трча на полноќ
Oна што ќе го издвои овој шампионат е маратонската трка која за првпат во историјата ќе се одржи на полноќ поради високите температури во Катар. Машката трка ќе се одржи на 5. октомври на полноќ, додека женската е на распоред денеска.
Хипокризијата во светската атлетика – строгост за Семења, попустливост за Колман
Светската шампионка на 800 метри, Кастер Семења, реши да не се натпреварува на претстојното Светско првнество во Доха бидејќи не сака да го почитува правилото за намалување на нивото на тестостерон што го воведе ИААФ. Претседателот на Светската федерација, Себастијан Коу, и порача дека е добредојдена во атлетскиот свет, но само под новата регулатива. Од друга страна, најбрзиот спринтер годинава, Американецот Крис Колман кој во 12 месеци пропушти три допинг контроли ќе има право да се натпреварува во Доха. ВАДА реши да не ја спроведува постапката против него. ВАДА и препорача на американската анти-допинг агенција да го повлече обвинението кое инаку автоматски повлекува едногодишна суспензија. Објаснувањето беше дека имало недоразбирање околу датумите кога Колман бил баран за контрола.
Колку ќе заработат освојувачите на медали на СП во атлетика?
Првенството ќе биде специфично поради многу работи, а меѓу останатото ова ќе биде првенство со најголеми парични награди, по најавите на организаторите. Сите победници, без оглед на тоа во која дисциплина ќе се натпреваруваат ќе добија 60.000 долари. Второпласираните ќе бидат побогати за 30.000 американски долари, додека бронзените ќе заработат 20.000 долари.
Наградувани ќе бидат сите атлетичари кои ќе завршат во топ осум. Петтиот ќе добие 15.000, шестиот 10.000, седмиот 5.000, а осмиот 4.000 американски долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА