МЗТ Скопје ќе мора да се потруди да ја најде адекватната замена за Тодрик Готчер, откако новото засилување, Доминез Барнет не ги исполни очекувањата па доби „шут карта“ од Аеродром по месец дена. Американецот дојде во редовите на „сино-белите“ на почетокот на годината, а одигра само четири дуели за составот на Кочов, од кои три во АБА2 лигата каде забележа скромен просек од 3.3 поени, притоа без погоден шут за три поени, еден скок и една асистенција по натпревар.
„Американецот Доминез Барнет повеќе не е член на МЗТ Скопје Аеродром, откако вчера беше официјализиран раскинот на договорот со овој кошаркар.
Играчот беше ангажиран со цел да донесе екстра-квалитет на тимот предводен од тренерот Ѓорѓи Кочов, со оглед на неговата биографија и одлични игри во силната ВТБ-лига, но тоа не се случи. Барнет во Скопје допатува максимално неподготвен, поради што не даде придонес каков што се очекуваше, ниту на тренинзите, а уште помалку на средбите на кои настапи.
Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром ја искористи можноста од договорот за предвремен раскин на соработката и му се заблагодари на Барнет за досегашните услуги. Стручниот штаб на тимот веќе бара замена на неговата позиција, а кога ќе биде најдена јавноста навремено ќе биде информирана“ – стои во соопштението на клубот.
На тренерот Кочов му треба добар „шутер“, кој може да искреира од „пик“ ситуација во нападот, а впрочем тоа е и слабоста на „штрковите“ оваа сезона. Раководството на клубот досега се потпираше кон американски кошаркари, а дали овој пат погледите ќе бидат насочени кон „сигурна“ опција и играч кој има искуство со натпревари во АБА лигата, во оглед на овој период од сезоната, останува да видиме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

