Дојде и тој ден – битка за врвот против европскиот шампион

ЕКИПА на ЕП во Хрватска, 

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонија по двете победи над Словенија и Црна Гора се најде во одлична ситуација, со осигурани два бода за главната фаза да влезе во денешниот дуел со Германија. Повеќе од јасно е дека европскиот првак е фаворит, но нашите ракометари ќе ја искористат улогата на аутсајдер за без притисок да влезат во натпреварот, свесни дека евентуално изненадување би ги отворило вратите кон полуфиналето.

„Првпат ни се случува да имаме ваков старт на едно Европско првенство, мораме да бидеме задоволни бидејќи добивме два тешки ривали. Сега пред нас е Германија, меч на кој пораз не би бил никаква трагедија, но тоа не значи дека предвреме ќе се предадеме. Селекторот има план што ние како играчи ќе треба да го испочитуваме до крај, па да видиме што ќе се случи на крај“ – изјави Гоце Георгиевски.

Сличен е ставот и на голманот Никола Митревски, кој редовно внесува свежина по влегувањето во игра.

Самодовербата ни е на највисоко можно ниво. Знаеме против кого играме, но сигурно ќе сториме се за да го изненадиме европскиот шампион. Ако загубиме нема да биде трагедија, но ние сме подготвени да сториме се за да му се спротивставиме на европскиот шампион“ – истакнува Митревски.

 

Се вчитува...