Трката за титулата во мак-ракометот одамна не била волку интересна, а Вардар се соочува со сериозна опасност да остане без домашната круна. Поразот во Скопје од минимални 23-24 ги става „црвено-црните“ во тешка ситуација, да мораат да бркаат победа вечерва (19 часот) во Битолапротив Еурофарм Пелистер, или да останат без трофејот што редовно го освојуваа во последните години на домашната ракометна сцена.
„Пелистерци“ се покажаа како сериозен ракометен проект, напредуваат од година во година, а сезонава дефинитивно беа егал со „вардарци“. Првиот овосезонски меч во Битола заврши со израмнети 27-27, и тоа со пеналот на Тимур Дибиров со звукот на сирената, а избраниците на Жељко Бабиќ се решени да го минат последниот чекор на пат до славата наречена – шампиони на Македонија.
Нема сомнеж дека Битола ќе гори, „чкембари“ долго време го сонуваат денот кога нивниот Пелистер ќе се врати на врвот на мак-ракометот, а на сите им е јасно дека ова е шанса што не смее да се пропушти.
„Знаеме што значи овој меч за клубот и за целиот град. Решени сме да дадеме се од себе, да одиграме најдобро што можеме, за на крајот да се радуваме со верните навивачи“, порачуваат од таборот на Еурофарм Пелистер во пресрет на вечерашниот натпревар.
Сепак, задачата за домаќините нема да биде нималку лесна бидејќи Вардар поседува квалитет за да ја освои Битола. „Црвено-црните“ се свесни за грешките направени на поразот во Скопје, па најавуваат подобро издание на вечерашното дерби во „Боро Чурлевски“.
„Ова е најважниот меч сезонава, можеби и најважен меч за Вардар во последните неколку години. Секако дека ќе сториме се за да се реваншираме за оној пораз во Скопје. Мислам дека поголем дел од притисокот ќе биде врз битолчани, иако ќе има притисок и врз нас бидејќи Вардар секогаш оди на победа и на освојување на титула. Сигурно ќе биде тежок меч, не верувам дека ќе биде убав на око, но двата тима ќе покажат цврст ракомет. Мотивираноста ќе биде максимална, се надевам дека на крајот ние ќе се радуваме“, изјави Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА