Повеќе од три децении навивачите на Наполи чекаа нова генерација на својот тим да го повтори успехот на екипата предводена од Диего Армандо Марадона, за искачување на тронот на фудбалска Италија.
Чекаа и конечно дочекаа, откако „наполитанците“ со вечерашното реми против Удинезе успеаја да стигнат до скудетото во Калчо-лигата, осигурувајќи ја титулата на пет кола до крајот на сезоната. Елиф Елмас ќе остане запишан како дел од новата шампионска генерација на Наполи, откако македонскиот ас беше дел од екипата и на денешниот дуел на „Фриули“, каде вечерва почнува славјето што сигурно ќе трае уште долги низ улиците на Неапол.
Елмас беше стартер на дуелот со Удинезе, на кој домаќините неочекувано поведоа со 1-0, но Наполи успеа да стигне до реми благодарение на голот на Осимен, кој најдобро се снајде во мешаницата по корнерот што го изведе македонскиот „Дијамант“. На тимот на Спалети му беше доволен само еден бод за да го осигура скудетото, „наполитанците“ се обидоа да постигнат и втор гол, но на крајот остануваа задоволни и со ремито кое значеше – печат на титулата во оваа неверојатна сезона на Елмас и другарите.
Ова е трета шампионска титула во клупската историја на Наполи, по 1987 и 1990 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА