Дојде и тој ден – Збогувањето на Рафа Надал од тенисот

Се е подготвено за завршниот турнир од Дејвис-купот што денеска стартува во Малага, што дополнително е во центарот на целокупната спортска јавност бидејќи на него крај на кариерата ќе означи Рафаел Надал.

Шпанскиот тениски великан уште пред два месеца објави дека настапот во Дејвис-купот ќе значи и негово збогување од тенисот, а останува да се види дали тоа ќе се случи со денешното четвртфинале против Холандија, или доколку Шпанија се пласира во следната рунда кариерата на Надал ќе продолжи за уште неколку дена, до завршницата на овој завршен турнир.

„Не постои идеално збогување, филмските краеви се резервирани за американските филмови, а јас пред долго време сфатив дека нема да бидам дел од такво сценарио. Но, не сум загрижен за тоа, збогувањето ќе биде такво какво што ќе биде, јас само би сакал сите во тимот да бидеме натпреварувачки настроени, да се обидеме да освоиме уште еден Дејвис Куп“, изјави Надал.

Шпанецот во кариерата четири пати го освојуваше ова репрезентативно натпреварување, покрај него има и 22 гранслем трофеи, 36 пехари од Мастерс-турнири и вкупно 92 титула, вклучувајќи го тука и олимпското злато.

Тој долго се мачи со повреди, но Надал донесе важна одлука, па попладнево ќе настапи и во сингл, што најверојатно ќе биде и негов последен сингл во кариерата, пред дубл-пресметката во која ќе биде заедно со Карлос Алкараз.

Тој ќе ја отвори денешната програма со сингл-дуелот против Ван дер Зандшулп, со надеж дека ќе стигне до позитивен резултат и ќе продолжи кариерата… за уште некој ден.

Се вчитува...