Лион пред една деценија се бореше за трофеите на француската фудбалска сцена, но овојпат ситуација е сосема поинаква, клубот од „Жерлан“ игра катастрофално во првиот дел од шампионатот и моментно се наоѓа на 16.место на табелата со само 16 освоени бода по првите 19 рунди, три бода повеќе во однос на „фенерџијата“ Лориен.
На челниците им стана јасно дека е дојден „нож до коска“ и мора да се реагира за да се избегне најлошото (испаѓање во Втората лига), што во случајов значеше да се обезбедат пари во буџетот за да се доведат нови фудбалери кои ќе бидат од помош во борбата за опстанок. И навистина, Лион потроши 80 милиони евра на нови играчи во јануари, се со цел да биде избегнато испаѓање во пнизок ранг на натпреварување.
За позицијата последен играч за врска доведен е Орел Мангала од Нотингем Форест. Тој доаѓа на позајмица за 10 милиони евра, а доколку Лион обезбеди опстанок ќе се активира клаузулата за задолжителен откуп за дополнителни 15 милиони евра.
За искуство во тимот беше доведен Немања Матиќ од ривалот Рен, Лион дефинитивно ќе добие квалитет откако беа потпишани и Малик Фофана, Гифт Орбан, Лукас Пери и Андриелсон.
Веќе е постигнат и договор со Вест Хем за Саид Бенрама, со формула слична на онаа за Мангала (позајмица, со задолжителен откуп ако Лион обезбеди опстанок), со што Лион би добил и врвен плејмејкер во своите редови.
На хартија делува дека Лион навистина состави тим што рутински ќе го осигура опстанокот, но останува да се види како тоа ќе изгледа на терен и колку време ќе треба за бројните нови засилувања да се воиграат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА