ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари увидоа дека кога ќе го дадат максимумот можат да парираат и на најдобрите селекции во Европа, па откако Унгарија спасуваше жива глава и едвај стигна до бод против нив, пулените на Лазаров сега полни со самодоверба го очекуваат мечот од второто коло против селекцијата на Холандија (18 часот).
Сите во таборот на „црвено-жолтите“ се максимално мотивирани да докажат дека изданието против Унгарија воопшто не беше случајно, туку Македонија навистина поседува потенцијал и квалитет за да се надигрува со врвни ривали. Нов испит ќе биде токму пресметката со Холандија, селекција што предводена од Лук Стајнс импресионира со извонреден офанзивен ракомет.
Само за потсетување, Македонија пред две години се сретна со денешниот ривал во рамките од второто коло од СП 2023 во Краков, каде бевме целосно надиграни и заслужено загубивме со убедливи 24-34. Тоа ќе биде мотив повеќе за нашите ракометари, од кои голем дел настапија на тој меч во Полска, целосно да им се реваншираат на „лалињата“.
„Во Краков беше една друга репрезентација, многу од овие играчи што се тука, тогаш беа на своите почетоци, сега сме поискусна репрезентација. Го паметиме тој дуел и поразот, но верувам дека денешниот меч ќе биде сосема поинаков. Ќе решаваат нијанси, тој што ќе направи помалку грешки ќе го добие мечот“, вели Жарко Пешевски во пресрет на денешната пресметка.
И навистина, денешниот дуел треба да биде значајно поразличен од оној од пред две години. Македонија е позрела, поквалитетна, а згора на тоа избраниците на Лазаров ќе имаат поддршка од над 1.000 Македонци кои ќе создадат атмосфера за паметење во арената во Вараждин. А кога „фалангата“ ќе направи фешта, нашите ракометари добиваат крилја за да полетаат кон нови успеси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

