Милвоки Бакс започнуваат нова реконструкција во тимот по отказот за Док Риверс кој ја напушти позицијата главен тренер по три сезони.
Риверс заминува по вкупен скор во тимот од 97-103, со две испаѓања од првото коло од плејофот и пропуштање на место во плејофот во 2025/26.
Според американските медиуми, клубот ќе му го исплати договорот за следната сезона, но се водат разговори за евентуално останување како советник во клубот. Заминувањето на ветеранот тренер доаѓа во време кога франшизата се соочува со пошироки проблеми.
Во текот на сезоната, имаше очигледна тензија меѓу тренерскиот персонал и играчите, што, според извори блиски до тимот, влијаеше на атмосферата во соблекувалната и резултатите на теренот.
Риверс го презеде тимот во јануари 2024 година, откако го замени Адријан Грифин, кој и покрај добриот почеток (30–13) беше отпуштен. На крајот од таа сезона, Бакс имаа скор од 17–19, додека во сезоната 2024/25 под водство на Риверс, тие постигнаа учинок од 48–34.
Повредите на клучните играчи беа исто така голем проблем. Демијан Лилард и Јанис Адетокумбо често отсуствуваа, а грчкиот кошаркар одигра само 36 натпревари во сезоната 2025/26.
И покрај неуспешниот мандат во Милвоки, Риверс останува еден од најуспешните тренери во историјата на лигата: шести по победи во регуларната сезона и четврти по победи во плејофот, со титула освоена со Бостон во 2008 година.
Бакс ја прекинаа серијата од девет едноподруго настапи во плејофот оваа сезона, а последниот пат кога победија во серија во плејофот беше во 2022 година.
Клубот сега е во потрага по нов тренер, трет за исто толку години, што дополнително го потврдува периодот на нестабилност на една од најуспешните франшизи во Источната конференција до неодамна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

