Потврда на квалитетот: Николов и Начевски меѓу судиите за СП во Египет

Светската ракометна федерација ИХФ го објави списокот на судии кои ќе бидат задолжени за делење на правдата на претстојниот светски шампионат што месецов ќе се одржи во Египет. Сосема очекувано, на оваа листа се најдоа и македонските арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои ќе ја продолжат традицијата на судење на врвни средби на најголемите европски и светски ракометни натпреварувања.

Николов – Начевски е една од 14-те судиски двојки кои доаѓаат од Европа, заедно со француските сестри Бонавентура (за кои ова ќе биде прв светски шампионат), потоа Губица – Милошевиќ од Хрватска, Хорачек – Новотни од Чешка, Ралуј – Сабросо од Шпанија, Павичевиќ и Ражњатовиќ од Црна Гора…

Само за потсетување, Николов и Начевски беа судии на големото финале од последниот европски шампионат, во кое Шпанија во драматичен финиш ја совлада Хрватска. Една од клучните одлуки беа досудените чекори на Игор Карачиќ, кога Хрватите загубија топка во клучниот напад, но повторените снимки покажаа дека македонските арбитри биле во право со одземената топка на „коцкестите“.

Се вчитува...