Германскиот бундеслигаш Лајпциг и официјално го промовираше македонскиот дијамант Елиф Елмас како свое огромно засилување за продолжението од сезоната 2023/24. Елмас со еден од најдобрите германски тимови потпиша договор до јуни 2028 година, добивајќи го дресот со бројот 6 на Лајпциг.
А, вистински доказ за третманот кој го доби македонската ѕвезда од страна на германскиот тим е тоа што Лајпциг го испрати приватниот авион на клубот за македонскиот „дијамант“, неговиот татко Џеват Елмас и агентот Никола Ѓошевски, кои се задолжени за неговата кариера, полесно да ги завршат формалностите пред официјализацијата на трансферот.

„За нас е огромно задоволството од реализацијата на еден ваков трансфер во еден од најдобрите клубови во Бундеслигата, затоа што тоа е пред се на задоволство на Елиф кој добива пред себе еден нов огромен предизвик во кариерата“ – ни изјави Ѓошевски по реализацијата на трансферот на македонскиот репрезентативец.
Елиф Елмас за трансфер од 25 милиони евра, што е највисок во историјата на македонскиот фудбал, се пресели од Наполи во Лајпциг. Како освојувач на Скудетото со Наполи сега се сели во Германија, со постигнати 19 гола и дополнето со 11 асистенции во вкупно 180 настапи за италијанскиот шампион.
Елмас, кој е незаменлив и во македонската репрезентација со која беше дел од ЕВРО 2020, претходно во кариерата настапуваше и за Работнички и турски Фенербахче.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

