Документарецот за Дарко Панчев со наградата за најдобар филм за личност на Филмскиот фестивал „Златибор 2023“ (ВИДЕО)

Филмот за најголемото име на македонскиот фудбал Дарко Панчев – „Патот на Кобра до ѕвездте“ е прогласен за најдобар филм за личност во спортот на 12. Меѓународен фестивал на спортскиот филм кој изминативе денови се одржа на Златибор, Србија.

„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер, прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.

„Прекарот Кобра за Дарко Панчев се однесува исклучиво на фудбалот, затоа што во играта се истакнуваше со недостижна брзина која носеше неповторливи голови. Тој во реалниот живот, надвор од фудбалската магија, е единица мерка за приврзаност и пријателство, прво во семејството, а и секаде каде животот го носи, како плима на човечката добрина. Затоа го препорачуваме овој филм и како лек против актуелната стварност, во која има сериозен недостаток на основни човечки вредности“ – се вели во образложението на жирито на Меѓународниот фестивал на спортски филм.

Исто така, на Дарко Панчев му припадна и признанието за исклучителен допринос во спортот и филмот и животно дело. Наградите и признанијата во негово име во Културниот центар на Златбор ги примија неговите три грации – сопругата Маја и ќерките Надица и Марија.

Документарниот филм за Дарко Панчев, кој е филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт,  е соорганизација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортнетворк продукција и македонското Спортско радио 90,3. Автор на филмот е Александар Станковиќ, а продуцент Радован Максимовиќ.

Филмот посветен за македонската кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски-Буштур, „Среќна тринаесеттка“, продуциран од страна нa Македонската телевизија, доби една од главните награди на 12.меѓународен фестивал за спортски филм, кој во изминатите неколку дена се одржуваше на Златибор.

Специјалното жири, составено од еминентни познавачи на филмот и на спортот, одлучи дека „Среќна тринаесеттка“ е најдобро режираниот филм од одбраните 45, кои жирито ги одбра во финалната селекција на фестивалот на Златибор.

На годинашниот фестивал на спортскиот филм на Златибор учествуваа повеќе од 40 филмови од 20 земји. Во копродукција на Спорт клуб и Спортнетворк беше прикажан и документарниот филм „Луда глава“ за Милко Ѓуровски, и неговиот премин од Црвена Звезда во Партизан во летото 1986 година кој предизвика фудбалски земјотрес во поранешна Југославија.

Се вчитува...